НАСЛОВНА

ЗА НАС
- Технички карактеристики
- Дистрибутивен систем
- Контакти

ПРЕПОРАКИ ЗА ПОТРОШУВАЧИТЕ
- Брошури за ефикасно греење

ГРИЖА ЗА ПОТРОШУВАЧИ
- Пријавете дефект
- Листа на затворени објекти
- Преглед на нови објекти за прием во дистрибутивниот систем

ПРОЕКТИРАЊЕ, НАДЗОР И ПРИКЛУЧУВАЊЕ

ОПШТИ ДОКУМЕНТИ И БРОШУРИ

ЛИНКОВИ

НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА

ИЗВЕСТУВАЊА ОД РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА

АКТУЕЛНОСТИ

ФОТО ГАЛЕРИЈА

- Фотографии од компанијата
- Изведба на секундар

КОНТАКТИ

 

 

Најчесто поставувани прашања

 

Затвори ги сите | Отвори си сите

 

На која собна температура се загреваат просториите?
Пропишаната собна температура е 20+1 °С, согласно Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија донесени од Регулаторната комисија за Енергетика.

Дали може да се покачи или намали собната температура во станбени згради?
Колективните станбени згради, со согласност од сите станари (или преку заедницата на станари) може да побараат од својот Снабдувач промена на собната температура. Снабдувачот барањето ќе го проследи до Дистрибуција на топлина, која истото треба да го спроведе. Потрошувачите во индивидуалните станбени објекти, најчесто имаат пристап до своите топлински станици и можат по желба самите да си го регулираат греењето.

Зошто моите радијатори не се "жешки"?
Единствен критериум за квалитетот на греењето е собната температура, а не колку се радијаторите загреани. Температурата на водата во нив се регулира автоматски во топлинската станица, во зависност од температурата на надворешниот воздух. Кога надвор е поладно, потребата за греење на објектот е поголема, па радијаторите се позагреани. Обратно, на потопло, потребно е пропорционално помалку топлинска енергија, за одржување на постојана собна температура.

Имам проблем со греењето. Каде да се обратам и кој треба да интервенира?
Проблемот треба да го пријавите во Диспечерскиот центар (контактите се на сајтот, во одделот за пријавување на рекламации) и наша екипа ќе дојде да провери дали станува збор за проблем во топлинската станица или локален проблем, на едно или повеќе загревни тела (во станот или локалот). Ако екипата утврди дефект во топлинската станица, истиот треба да го отстрани во најбрз можен рок. Доколку утврди дека постои локален проблем, ќе ви назначи каде точно е проблемот и што можете понатаму да преземете, со оглед на тоа дека одржувањето на внатрешната инсталација е ваша обврска.

Плаќам редовно, а немам греење кога надвор малку ќе се стопли. Зошто?
Согласно Правилникот за условите за снабдување со топлинска енергија, донесен од Регулаторната комисија за енергетика, Снабдувачот е должен во периодот од 06-21 часот да ви ја одржува пропишаната внатрешна температура (ако ова не се промени во иднина). Периодот на испорака на енергија не мора да биде идентичен на периодот во кој во просториите треба да имате соодветна температура. Времето на испорака на енергија зависи од надворешните услови. Во најладните месеци е најдолга испораката (за да се намали губитокот на топлина од објектите - објектите многу повеќе се ладат преку ноќта и многу повеќе енергија им треба наутро за загревање). Во најтоплите месеци топланите работат со дневни прекини кога е висока надворешната температура. Според стручната литература и техничките стандарди од областа на греењето, на климатските простори во кои спаѓа и Скопје, потребите за греење прекинуваат на надворешна температура од +12 °С. Секако сте забележале дека и за старт на грејната сезона порано од 15 октомври, се мери температурата во 21 часот (треба да биде 3 дена по ред помала од веќе споменатите +12 °С). Овој пропис е законски пропис на кој мораме да се придржуваме. Земајќи во предвид дека потрошувачката на топлинска енергија се регистрира на мерилото во топлинската станица и дека според неа се изготвуваат сметките за греење, јасно е дека колку повеќе се греете, толку повеќе плаќате. Периодите кога немате греење (пример кога системот е исклучен на високи надворешни температури), на мерилото не се регистрира енергија, односно сметката која ја плаќате е само за потрошената топлинска енергија. Свесни сме дека има потрошувачи кои би сакале да грееме без прекин, но секако дека има и такви кои се против тоа и сакаат да заштедат повеќе. Сведоци сме за порастот на цените на горивата и енергијата низ целиот свет. Затоа, сите ние мора да посветуваме повеќе внимание на енергетската ефикасност на објектите и инсталациите, односно на разумното користење на енергијата. Во тој контекст, непрекинато греење на високи надворешни температури (кога е непотребно), ќе значи повисока собна температура од пропишаната и повисока сметка за сите корисници. Токму затоа, постојат технички прописи кои го регулираат ова прашање.

Зошто немам греење заради дефект во внатрешна инсталација на друг корисник? Треба да се грејам на струја, а плаќам за парно.
Доколку кај некој корисник се јави течење, а истото не може да се изолира, потребно е да се затвори топлинската станица и да се испразни водата од инсталацијата за да се спречи поголема штета. Внатрешната инсталација е заедничка за сите или за дел од потрошувачите (таму каде има повеќе топлински станици) во еден објект. Радијаторите се поврзани преку систем на цевководи со топлинската станица и затоа кога таа е затворена, ниту еден потрошувач нема греење. Во периодите кога заради ваков дефект немате греење, објектот не троши енергија и вашата сметка ќе биде соодветно помала. Разликата во потрошувачката ќе биде вклучена во срамнувачките сметки за декември или април.

Зошто немам греење кога нема струја до топлинската станица?
Пумпите во топлинските станици служат за да се обезбеди циркулација на топлата вода низ внатрешната грејна инсталација на објектите. Тие не можат да работат кога нема довод на електрична енергија до топлинската станица. Согласно Правилникот за условите за снабдување со топлинска енергија, донесен од Регулаторната комисија за енергетика, станарите се должни да ја доведат електричната енергија до топлинската станица, односно да ги отстранат евентуалните дефекти и да ги плаќаат трошоците за потрошувачката на електрична енергија.

Течење! Што да правам?
Ако течењето е поголемо, задолжително пријавете го на телефонот за рекламации 3076-200, кој нон-стоп е во функција во грејната сезона и во најкраток можен рок ќе дојде дежурната екипа за да го запре течењето. Санирањето на дефектот во внатрешната инсталација не е во надлежност на Дистрибуција на топлина и за тоа треба да побарате сервисер за внатрешна инсталација. Доколку немате ваш сервисер, може да се обратите во Сервиси за греење ДООЕЛ - Скопје (на телефон 3097-724), фирма која е дел од Групацијата Топлификација и се бави со оваа дејност. А, доколку станува збор за помало течење (капење, влажење) и интервенцијата не е итно потребна, не мора да го пријавувате течењето во Дистрибуција на топлина и можете директно да побарате сервисер за внатрешна инсталација.

Сакам да се испразни водата од објектот, за да направам интервенција на внатрешната инсталација. Што треба да направам?
Треба да појдете во наплатен пункт на вашиот Снабдувач (Запад, Исток или Центар), да пополните барање и уплатите за испуштање на водата. Барањето ќе биде проследено до Дистрибуција на топлина и одговорното лице ќе ве контактира за да го договори со вас датумот и времето кога испуштањето ќе се изврши. Во текот на грејната сезона, ваквите интервенции по правило се вршат по 21 часот навечер. Преку ден не се испушта вода затоа што останатите потрошувачи би биле без греење. Интервенцијата треба да трае најмногу 2 часа и да има одобрување од заедницата на станари, со оглед на тоа дека ако има бучава, може да им го наруши комфорот. По завршетокот на вашата интервенција, должни сте тоа да го пријавите во Диспечерскиот центар на 3076-200 (истото важи и вон грејната сезона). Нашата дежурна екипа ќе дојде и ќе го наполни објектот, со што тој ќе биде спремен за греење за следното утро.

Живеам во станбен објект. Чии се цевките (вертикалите) кои поминуваат низ мојот стан? Дали може да ги исечам ако не се грејам на парно?
Не. Во колективните станбени објекти важат одредени правила на заедничкото живеење. Согласно Законот за домување, составен дел од станбените згради и заедничка сопственост на сите станари се меѓудругото, заедничките инсталации, уреди и опрема. Значи, вертикалите не се ваша сопственост, туку заедничка сопственост на станарите. Доколку ги исечете вертикалите во вашиот стан, директно ќе бидат погодени потрошувачите кои се снабдуваат со тие вертикали. Затоа е недозволено и е казниво со 300 евра глоба по Законот за домување.

Живеам во куќа и имам пристап до топлинската станица. Заради новиот режим на работа на топланите, ноќе добивам греење. Како можам да си го регулирам греењето по сопствена желба?
Имате повеќе опции. Првата е рачна регулација, која по правило се врши на вентил на повратниот цевковод во топлинската станица и голем број на корисници во индивидуални објекти тоа го практикуваат. Втората опција е да инвестирате во регулациона опрема во топлинската станица. Во основа, тоа може да биде ON-OFF вентил со тајмер, кој ќе може да се програмира да отвора и да затвора кога вас ви е потребно и со кој ќе командувате вие - далечински, од соба или на лице место (зависи од изборот). Така би можеле да штедите во периодите кога не сте дома. Ваква опрема можете да набавите од фирми кои се бават со греење. Имајте во предвид дека вентилот треба да ги задоволува техничките критериуми - притисок до 16 бари и температура до 120 °С, а се монтира на повратниот цевковод на примарниот дел од топлинската станица. Трета опција е да се обратите до Топлификација Инженеринг ДООЕЛ - Скопје, која се бави со проектирање, трговија и изведба и е дел од Групацијата Топлификација. Нивното решение се состои во топчест вентил со електромоторен погон и контролер поставен во соба, кој ја мери и одржува постојана внатрешната температура, по ваша желба. Исто така може да се подесуваат и периоди на греење.

Со работно време од понеделник до петок, греењето преку викенд ни е непотребно. Има ли начин како да заштедиме?
Да, ако инвестирате во соодветна регулациона опрема во топлинската станица, која тоа го овозможува и доколку објектот има еден сопственик и еден режим на работа, односно не се нарушува комфорот на друг корисник кој нема потреба да штеди. Повеќе вакви деловни објекти и сега штедат на различни начини. Можете да се обратите до Топлификација Инженеринг ДООЕЛ - Скопје, за да се информирате за нивниот проект "Економично водење на топлински станици кај големи потрошувачи". Фирмата се бави со проектирање, инженеринг и изведба во греењето, климатизацијата и енергетската ефикасност и е дел од Групацијата Топлификација.